“Тепачка“ за специјални ладилници за превоз на вакцини

206

Авиопревозниците забрзано се подготвуваат за превоз на вакцините против коронавирусот, што претставува голем предизвик бидејќи тие мора да бидат складирани и транспортирани на ниски температури.

Според анкетата на Ројтерс, само 15% од компаниите што се занимаваат со карго транспорт и шпедитери на фармацевтски производи се подготвени да пренесуваат вакцини на -70 степени Целзиусови, како што бара вакцината на Pfizer.

Вакцината на Moderna, може да се складира на -20 степени што сега како услов го исполнуваат околу 60% од компаниите.

Со оглед на тоа што од почетокот на пандемијата, авиосообраќајот плати превисока цена, превозот на вакцини ќе биде добра прилика за консолидирање на загубите. Експертите проценуваат дека глобалната дистрибуција на вакцини за пет пати ќе ја надмине тонажата на вакцини што биле транспортирани минатата година.

Авиопревозниците вообичаено користат контејнери со замрзнат јаглерод диоксид, познат како сув мраз, за транспорт на фармацевтски производи. Но, дел од превозниците немаат контејнери со уреди за надзор на температура, што може да биде проблем ако доцни летот. Поради тоа, авиокомпаниите ги разгледуваат сите можни решенија, од набавка на ладилници што чинат по 15.000 евра, до специјални канистри.

Инвеститорите на берзите, како што пренесува Пословни дневник, веќе ја препознаа приликата за можен скок на побарувачката за такви специјални замрзнувачи, па вредноста на акциите на компаниите што ги произведуваат, како што е Cryoport од САД и va-Q-tec од Германија, се зголемија неколкукратно во последните месеци.

Air France KLM тврди дека со една фармацевтска компанија, чие име не го откриле, забрзано го тестираат превозот на вакцини на многу ниски температури, најверојатно преку Амстердам. Во тестовите се користат ладилници во коишто има по 5.000 дози што се чуваат во сув мраз, а во подоцнежна фаза би можеле да се користат и контејнери изнајмени од va-Q-tec.

Фото: Twitter