The Lacy Nook – спој на здрава и традиционална храна од Македонија во Лондон

168
COVER PHOTO
Елена Смилева и Јана Мишева, сопственички на ресторанот The Lacy Nook во Лондон

Елена и Јана се Македонки кои десетина години живеат и работат во Лондон. Со многу љубов, трпение и посветеност работат на реализација на нивната заедничка идеја – локален ресторан под името The Lacy Nook. Тие во интервјуто зборуваат за предизвиците, визијата за ресторанот и што е тоа по што ќе бидат автентични. На гостите ќе им понудат мени во коешто ќе има храна за сите вкусови, а нема да изостанат ниту пинџурот, ајварот, макалата, тавче гравче…

БИ: Од каде идејата и што беше пресудно за создавање на ресторанот The Lacy Nook?

Елена: Јас шест години работев за дигиталната индустрија како продуцент, видеограф и монтажер и патував насекаде низ светот. Колку и да беше возбудлива оваа работа во исто време беше напорна. Секоја недела бев некаде низ светот, со нарушен биоритам заради временските разлики, со снимања од утро до вечер. Но, како старееме така почнуваме да сфаќаме што точно сакаме од животот. Почнуваме да го гледаме животот од друга перспектива. Желбата за поседување нешто свое преовлада. Тука се роди идејата за сопствен бизнис. Моето семејство не беше изненадено, велат дека уште како дете сум зборувала дека сакам да имам ресторан и да бидам опкружена со луѓе. Водење ресторан е уште еден напорен бизнис ме советуваат сите, но ќе го водам за себе и целата моја енергија ќе биде насочена кон остварувањето на сопствениот сон.

Јана: Јас скоро 10 години организирав приватни чартер летови за познати музички бендови и личности кои можат да си го дозволат тоа, како што се Kings Of Leon, Perl Jam, Леонард Коен, Лејди Гага итн. Колку ова да звучи возбудливо и гламурозно, толку и одзема од енергијата. Оваа работа од мене бараше посветеност до доцните часови, викенди, одмори. Приватниот живот страдаше или воопшто не постоеше. И така во едно долго муабетење со Елена, дојдовме до идеја дека е време за големи промени. И се роди идејата за ресторанот.

IMG_7789

БИ: Кои беа најголемите предизвици во моментите кога почнавте да ја реализирате вашата идеја?

Елена: Предизвици имаше многу. Секако, финансискиот дел беше еден од најголемите бидејќи Лондон е прескап, а работната рака чини повеќе од материјалите. Моравме да направиме добар план како да ги намалиме трошоците. Тоа секако значеше дека сами ќе мора да го рушиме местото и да го подготвиме просторот за реновирање. Местото го зедовме во јануари и повеќе од два месеца вадевме слоеви од гипс картони, стари светла, кабли, што уште не. Местото не беше реновирано од 70-тите години, па се соочивме со непланирани трошоци.

БИ: По што The Lacy Nook ќе биде препознатлив и поинаков од сите такви места во Лондон?

Јана: Идејата беше да се отвори мала кафетерија со храна. Вакви места се многу попопуларни низ Лондон, одошто големите ланци на ресторани. Меѓутоа, сосема случајно или не налетавме на поголем простор што нуди повеќе од тоа, по што решивме да го преземе ризикот. Сакаме да бидеме отворени од 10 часот наутро до 23 часот навечер. Горниот дел од ресторанот е предвиден за вечера, додека долниот дел е порелаксиран и води кон скриената градина. Градината ни е selling point, бидејќи во Лондон нема многу места со отворен простор за уживање, а за Британците времето не е никогаш пречка и секогаш уживаат во добро пиво. Моментално во Лондон сè повеќе се продава и произведува craft beer. Познатите светски пива не се веќе толку привлечни. Од тој аспект се одлучивме да продаваме пива од Camden Bewery, локално Лондонско пиво. Приказната е слична и со вината, па се зголемува побарувачката на органски вина од мали винарии.

Елена: Тешко е да се биде уникатен во ваков голем град, но ние секако ќе дадеме сè од себе да најдеме нешто по што ќе се разликуваме од другите. Едно место станува посебно само по себе и според третманот што потрошувачот го добива, почнувајќи од пречекот, љубезноста, пријателскиот однос, професионалноста, до насмевката. Сакаме нашиот простор да биде олицетворение на место каде луѓето го прославуваат животот. Бидејќи ресторанот не се наоѓа во централен Лондон и нашите потрошувачи нема да бидат туристите, сакаме да најдеме начин како да допреме до локалното население, соседите, семејствата, младите. Во план ни е да ги инволвираме локалните жители преку организирање различни настани, изложби, часови за готвење, свирки, popups, градинарство… На овој начин едно општество, па дури и на локално ниво, расте заедно, се поддржува и се менува. Исто така, имаме во план во утринските часови да организираме настани за млади мајки со бебиња/деца, како baby yoga, montessori едукација, creative mums… Имавме многу среќа со просторот којшто го овозможува сето ова.

IMG_1779

БИ: Дали духот на македонската кујна ќе биде дел од вашиот ресторан? Доколку имате таков план, кои јадења, според вас, би биле интересни за гостите?

Јана: Нашето мени е инспирирано пред сè од здрава храна. Луѓето стануваат повеќе свесни за тоа што јадат и како се грижат за себе, а тоа е и нашата цел. Храната ќе биде европска со доста медитеранско влијание, како и сезонска… Тоа што е сезонско, е повкусно, поздраво и поевтино. На менито ќе има храна за сечиј вкус, од вегани, вегетаријанци, вљубеници во месото, фитнес фанатици… Преку ден ќе нудиме brunch, протеински салати, свежи сокови, gym шејкови, а во текот на вечерните часови ќе понудиме мало мени со соодветно избрани продукти. Иако менито е помало, ќе понуди подобар квалитет, нема да се замрзнува, ниту ќе се фрла неискористената храна.

Елена: Во одреден денови од неделата сакаме да имаме Happy hour, којшто ќе биде посебен бидејќи со секој купен пијалак потрошувачите ќе можат бесплатно да пробаат од нашите мали предјадења. Ќе бидат застапени и македонските производи како пинџур, малиџано, ајвар, макало, сирење на жар, тиквички итн. Размислуваме и да ги запознаеме локалните жители со автентичното тавче гравче со колбаси бидејќи Англичаните се големи љубители на грав. Може ќе им се допадне толку многу, па ќе стане “full english lunch”.

IMG_1671

БИ: Го одбравте Kickstarter за да ја добиете потребната финансиска поддршка за отворање на ресторанот. Колку сте задоволни од интересот?

Елена: Пријатно нè изненади одѕивот и поддршката од Македонија на Kickstarter. Луѓето кои се во состојба донираат по 10 до 20 фунти, што на нас многу ни значи.

Јана:  Ни излегоа непредвиден трошоци, односно инвестицијата со којашто располагавме не беше доволна. Иако пред да почнеме се консултиравме со архитекти, изведувачи, луѓе од индустријата, но никој од нив не ја предвиди точната цена. Толку многу труд, работа и енергија вложивме во сето ова, што сега нема враќање назад. Започнатиот сон треба да се оствари и на добар пат сме да го исполниме. Засега задоволни сме од одѕивот, но бараме голема сума, којашто ако не ја постигнеме до 17-ти овој месец, таа за жал би можела да пропадне. Но, ние сè уште се надеваме и работиме на случајот и не се откажуваме. Секој мал придонес помага.

БИ: Дали можеби размислувате за отворање на The Lacy Nook и во Македонија?

Сега за сега сакаме да се посветиме на отворањето на овој локал. Нè чека долга и неизвесна година, а за понатаму здравје сè е возможно, бидејќи светот е мал.