Тиквеш ги претставува вината Виоње и Плавец

111

plavec-special-selection

Винарската визба Тиквеш лансираше на пазарот два новитети во палетата врвни вина од линијата Special Selection од сортите Виоње и Плавец, коишто како издвоени сорти за првпат се употребуваат во Македонија, иако се исклучително популарни во други земји, стои во соопштението.

Линијата Special Selection претставува широка палета на вински вкусови во којашто секоја сорта е презентирана со своите најдобри карактеристики и во најдобро светло, што е одлична можност за потрошувачите да го одберат она вино што најмногу им одговара и им се допаѓа.

“Оваа новина во портфолиото претставува реализација на нашата стратешка определба за константно воведување иновации во различни сегменти од работењето“, објаснува генералниот директор на Тиквеш, Радош Вукиќевиќ, потенцирајќи дека “составен дел од ваквата стратегија секако е креирање на портфолио согласно желбите на потрошувачите, привлекување нови потрошувачи и нивен развој во вински ентузијасти“, заклучува Вукиќевиќ.

viognier-special-selection

Лозовите насади каде се одгледуваат сортите од коишто се произведени двете нови вина се наоѓаат на падините на планината Бабуна, на надморска висина до 270 метри и ориентација кон исток со што е овозможено оптимално изложување на сонце и зреење на грозјето. Почвата – рензина, каде се насадени лозјата, е богата со минерали и е со одлична пропустливост на водата. Самите лозја се поставени на позиција во која струењето на северниот ветер овозможува добро проветрување кое е особено значајно за задржување на свежината и природната отпорност на грозјето.

Виоње е суво бело вино произведено од интернационална сорта на грозје коешто е особено популарна во Франција. Се одликува со лимон жолта боја и нагласени ароми на кора од портокал, манго и праска, дополнети со ноти на бело чоколадо, кокос и ванила коишто се резултат на шестмесечно одлежување во специјални дабови буриња. Ова вино се карактеризира со полно тело, а на вкус се чувствуваат минерални ноти и препечен леб.

Црвеното суво вино Плавец е произведено од истоимената автохтона сорта којашто е распространета во целиот наш регион, а особено е популарна во Хрватска. Виното се карактеризира со интензивна рубин црвена боја и ароматични ноти во кои се чувствуваат различни зачини, како бел бибер, каранфилче и диви црни рибизли. Ова вино се карактеризира со средно тело и меки танини, а на вкус можат да се почувствуваат и ноти на потпечено овошје.