Тиквеш им го исплати грозјето на лозарите

29

Винарската визба Тиквеш во целост ја заврши исплатата на откупеното грозје од последната берба.

За преземените 25 милиони килограми грозје од бербата во 2013-та година, како што соопштуваат од компанијата, на лозарите им се исплатени 360 милиони денари.

Тиквеш и оваа година исплати дополнителни бонуси за откупеното грозје со екстра врвен квалитет во вредност од 27 милиони денари.

Бидејќи грозјето е есенцијалната состојка на врвното вино што го произведуваме, ние во Тиквеш со огромно внимание и почит се однесуваме кон него и кон лозарите, со кои градиме долгорочни односи на партнерска основа. Таквата наша определба значи дека внимаваме на сите аспекти во нашиот однос кон лозарите, вклучувајќи ја навремената исплата на откупеното грозје која се одвива во рамки на склучените договори и законски рокови, како и дополнителните бонуси за грозјето со екстра квалитет во форма на премија која годинава достигна и до 40% од основната цена“, изјави Игор Илиевски, генерален директор на винарската визба Тиквеш.

Големото откупено количество, високата просечна цена од 14,4 денари за килограм грозје, дополнителниот бонус што Тиквеш го плаќа како награда за највисок квалитет, како и редовната исплата на откупеното грозје, се показател за определбата на визбата да гради долгорочен партнерски однос со лозарите кој што овозможува одржливо снабдување со висококвалитетно грозје неопходно за производство на врвни македонски вина.