Tиквеш претстави четири вина произведени на сопствениот посед во Франција

68

Винарската визба Тиквеш ги донесе на македонскиот пазар првите четири вина произведени во француската винарница Château de Gourdon, којашто од ноември 2018-та година е дел од Тиквеш. Тоа се премиум вината: Fontaine du Sud (бело), Mistral au Jardin (розе) и Vase de Pierre (црвено), како и белото ‘icon’ вино Terrasse au Soleil, стои во соопштението.

Овие четири вина се дел од целосно обновеното портфолио на винарницата Château de Gourdon, кое го сочинуваат вкупно седум вина. Планирано е останатите три вина од ова портфолио да пристигнат на домашниот пазар до крајот на оваа година.

“Овие вина ја заокружуваат и совршено ја дополнуваат линијата што ја сочинуваат нашите префинети ‘тероар’ вина со уникатен карактер и висок квалитет кои потекнуваат од строго контролирани лозови насади на домените Лепово, Бела Вода и Барово. За нас беше сосема логично сите овие вина да ги групираме во една заедничка бренд платформа ‘Tikveš Chateaux & Domainеs’, која убеден сум дека ќе прерасне во синоним и репер за висококвалитетни премиум вина на домашниот пазар, но и препознатлив вински бренд во светот. Верувам дека со овие вина, кои гордо можеме да ги наречеме – француски, а наши – сме чекор поблиску до остварувањето на нашата стратешка цел, да го внесеме ‘Тиквеш’ во групата водечки производители на вино во светот и да ја зголемиме продажбата на интернационалните пазари“, истакна претседателот на управниот одбор на Тиквеш, Светозар Јаневски.

Заедничка одлика на сите вина што ја сочинуваат бренд платформата Tikveš Chateaux & Domainеs, во која спаѓаат и вината произведени во винарницата Château de Gourdon, е тоа што тие потекнуваат од строго контролирани лозови насади кои се дел од самиот посед и каде климатските услови, сонцето, водата, ветерот и почвата, со еден збор – ‘тероарот’, се во совршен баланс кој е идеален за производство на префинети вина со извонреден квалитет. Овие вина се со заштитено географско потекло, се произведуваат во ограничени количини и имаат уникатен карактер кој ги отсликува дистинктивните карактеристики на самиот локалитет.

Поседот Château de Gourdon е сместен во јужниот дел од долината на реката Рона во Франција. Првите лозови насади на оваа локација биле подигнати уште во 1870 година, а денес се простираат на 50 хектари, во ридест предел. Лозјата имаат јужна експозиција што овозможува гроздовите да бидат изложени на сончевите зраци во текот на целиот ден, додека ветерот мистрал, кој често е присутен, овозможува гроздовите да останат здрави и помалку подложни на болести. Овие фактори, во комбинација со песокливата почва, овозможуваат грозјето одгледано на лозовите насади на Château de Gourdon да е со висок квалитет во текот на секоја берба, што пак придонесува за производство на комплексни вина со изразена ароматика и карактер.