
Тони Стојановски – претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје, за Бизнис Инфо ги споделува плановите на Банката и Групацијата и очекувањата за движењата во банкарскиот сектор во следната година.
„Очекувам целокупниот макроекономски пејзаж на земјата да остане во зоната на стабилност, со зајакнат потенцијал за нови инвестиции, претприемништво и раст. Во тој контекст можеме да очекуваме и натамошно забрзување на растот на БДП на земјата и стабилизирање на инфлацијата. Клучна улога во економскиот раст би требало да имаат инвестициите во инфраструктурата, следени од инвестициите во приватниот сектор.
И во следната година, НЛБ Банка интензивно ќе работи на остварување на Стратегијата 2030 која има за цел да ја трансформира нашата организација во една модерна и целосно дигитална банка. Оваа стратегија предвидува и раст на билансниот потенцијал, на вкупните приходи и на нето–добивката на ниво на НЛБ Групацијата“, нотира Стојановски.
Постојано ги следиме очекувањата на клиентите, затоа и во новата година ќе продолжиме да воведуваме нови и иновативни банкарски решенија кои одговараат на потребите на клиентите во дигиталниот свет, со цел да го унапредиме клиентското искуство, да го направиме банкарството подостапно, помодерно и побезбедно, истовремено давајќи им поддршка на клиентите да ги постигнат своите финансиски цели и да остварат успех.
Преку реализација и поддршка на одговорни проекти, ќе продолжиме да ја јакнеме нашата улога во општеството и да создаваме вредност за заедницата во која живееме и работиме, потенцира првиот човек на банката.
“Но, пред да започнеме со остварување на амбициозните планови за новата година, би сакал на сите наши граѓани да им посакам многу здравје и поголема верба во себе и во нашата иднина“, истакнува Стојановски.














