Топ пет компании во земјава заедно имаат приходи од 193,8 милијарди денари

99

Фото: Pixabay

Компаниите Џонсон Мети, Окта, ЕВН Македонија, Макпетрол и Комберг & Шуберт заедно имаат приходи што надминуваат 193,8 милијарди денари или над три милијарди евра, покажуваат податоците објавени на порталот Analitika.mk.

На врвот се наоѓа британската Џонсон Мети, којашто во земјава вработува над 880 лица, генерира приходи во висина од 107.766.154.095 денари и остварува профит од 6.013.109.970 денари. Според податоците, по вработен отпаѓаат 122.183.848 денари приходи, а кога станува збор за добивката по вработен, таа изнесува 6.817.585 денари.

Втора е Окта, којашто се занимава со трговија на големо со цврсти, течни и гасовити горива и слични производи. Во оваа компанија има 366 вработени, приходите достигнаа 27.564.941.888 денари, а прокнижена е загуба од 100.127.350 денари.

Трета според обемот на приходи е ЕВН Македонија, чија главна дејност е дистрибуција и снабдување со електрична енергија. Оваа енергетска компанија вработува 233 лица, има приходи од 22.751.538.397 денари, додека профитот достигна 1.055.549.929 денари.

Потоа следува компанијата Макпетрол, којашто се занимава со трговија на мало со моторни горива и мазива во специјализирани продавници. Компанијата има 1.779 вработени, приходите достигнаа ниво од 22.001.133.038 денари, додека профитот изнесува 778.116.492 денари.

Во првите пет е и Кромберг & Шуберт Македонија, којашто се занимава со производство на електрична и електронска опрема за моторни возила. Во оваа компанија работат 6.437 лица, нивото на приходи е 13.717.241.849 денари, додека профитот изнесува 237.439.644 денари.

Од вкупно 100, последните пет позиции отпаѓаат на овие компании: ЛЦ Ваикики Ретаил МК (приходи во висина од 1.620.983.731 денари), Автонова (1.609.167.626 денари), Адријус (1.562.622.960 денари), Порше Лизинг (1.562.251.257 денари) и Колид Фудс (1.557.074.705 денари приходи).