Трамп изгубил 700 милиони долари додека бил претседател

39

Богатството на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп е намалено за 700 милиони долари во периодот кога тој бил претседател на САД.

Според податоците на Bloomberg Трамп исто така го почувствувал влијанието на пандемијата на коронавирус затоа што паднала вредноста на неговите згради, брендирани хотели и одморалишта, како и неговите приходи. Неговата флота авиони и терени за голф исто така изгубила од вредноста. Богатството на Трамп сега се проценува на 2,3 милијарди долари.

Bloomberg ги добил податоците со анализа на финансиските документи во периодот од мај 2016 година до јануари 2021 година.

Сепак, финансиите и семејниот бизнис на поранешниот американски претседател се предмет на истрага.

Комерцијалните недвижнини сочинуваат три четвртини од неговото богатство, а заработувачката од деловните згради што ги поседува или е ко-сопственик е намалена затоа што голем број луѓе работат од дома. Ова е тренд што може да трае долго време.

Deutsche Bank беше единствената банка што сакаше да му позајми пари на Трамп по неговиот банкрот во 90-тите години од минатиот век, но по неодамнешните немири во САД, објави дека повеќе нема да работи со него.

Трамп поседува и флота авиони, вклучително и Boeing 757. Овие авиони се стари неколку децении и нивната вредност се намалува. Седум авиони вредеа 59 милиони долари во 2015 година, а пет од нив вредеа околу 6,5 милиони долари во 2020 година.

Фото: Facebook