Трансфер на ново работно место

241

cevli-1

Фото: Pexels

Многу често слушаме како тешко оди барањето работа, а уште потешко преместувањето по лично барање од едно на друго место во постојната компанија. Навидум лесно, но процесот на преместување од едно на друго работно место е доста сложен процес, кој бара претпазливост во изборот, добро осмислена стратегија за настап, олеснување на самиот трансфер и полесна адаптација на новото работно место.

Преместувањето по сопствена иницијатива во рамки на постојната компанија има свои специфики за кои во продолжение ќе дадам неколку совети.

  1. Покажете се во најдобро светло. За добриот, вреден и беспрекорен работник дознаваат сите во компанијата, па и оние менаџери кај кои Вие би сакале да продолжите да работите. Затоа, пред да започнете процес на барање на преместување, нека постои мислење низ компанијата дека сте квалитет кој секој сака да го има во својата организациона единица.
  2. Тајминг. Доколку сакате да смените работно место, тоа нека биде во моментот кога остварувате најдобри резултати, а никако грешки – кој би сакал вработен кој греши. Постојниот менаџер ќе Ве казни или ќе шири негативно мислење за Вас, а потенцијалниот нема да сака да Ве земе во неговиот сектор.
  3. Јасен сигнал за трансфер. Доколку имате намера да се префрлите во друг сектор или дирекција, недвосмислено и јасно укажете им на Вашите претпоставени, на HR одделот, како и на одговорните во единицата каде би сакале да го продолжите работниот век. На постојниот менаџер кажете му дека трансферот нема персонален аспект, но дека тоа го правите поради подобрата можност за напредување и целосно стручно исполнување.
  4. Ментор за трансфер. Ова е особено значаен момент, кога треба да се потрудите да изнајдете поддржувачи на Вашиот трансфер, кои би влијаеле врз процесот на преместување, преку агитирање кај задолжените за тоа, омекнување на ставови во случај на отпор или директна вклученост во преместувањето. Никако немојте истовремено да барате повеќе лица за тоа, но само по еден во даден момент, како не би навредиле нечија суета. Ако увидите дека избраното лице не може да го олесни преместувањето, дури тогаш побарајте друго.
  5. Личен ангажман. Иако е значајно вмрежувањето и создавањето коалиција со лице кое би го олеснило трансферот, сепак најголемиот товар треба да Ви припадне Вам, односно повеќе да се ангажирате Вие, а помалку да го експонирате или целосно прикриете идентитетот на оној кој помага во процесот и го цените неговото време. Нека трансферот изгледа дека е целосно Ваша заслуга, заснован врз знаењето и стручноста.
  6. Работна средина. Внимавајте, не е секогаш пресуден повисокиот личен доход за Ваше задоволство или среќа, но особено е важен изборот на добра или подобра работна средина, каде уште на самиот почеток ќе наидете на колеги кои се благопријатно наклонети кон Вас, кооперативни и кои ќе го олеснат процесот на преместување.