
Товарниот сообраќај и натаму останува блокиран поради протестот на транспортните превозници од Западен Балкан кои од завчера поставија камиони на граничните премини кон шенген зоната барајќи од ЕУ да се измени правилото за електронска евиденција за престој во шенген-зоната во согласност со правилото 90/180 дена.
Претседателот на Српската стопанска комора (ПСК), Марко Чадеж, предупреди дека поради бирократските процедури и несоодветната реакција на Европската Унија во врска со престојот на професионалните возачи во Шенген зоната, економиите на Западен Балкан трпат директна штета од околу 100 милиони евра дневно само врз основа на извоз на стоки.
Од Асоцијацијата на здруженијата на работодавачите на превозните трговски друштва на Република Македонија „Макам-транс“, веќе укажаа дека економска оправданост да се обезбедуваат по двајца возачи кога нема доволно возила, воопшто не постои. Не е економски оправдано еден возач три месеци да седи дома и да прима минимална плата, додека другиот работи. Тоа не е оправдано ниту од аспект на возачите ниту од аспект на превозниците – изјави Билјана Муратовска, генерален секретар на „Макам-транс“.
Во меѓувреме, на проблеми поради новиот начин на евиденција укажаа и возачите на автобусите во меѓународниот превоз од каде апелиарат до европските институции за фер и применливо решение што ќе го земе предвид специфичниот карактер на професионалниот превоз на патници и стока.











