Трговски дефицит од 1,5 милијарди евра за 10 месеци

23

Трговскиот дефицит, во периодот јануари – октомври оваа година, изнесува 1.563.039.000 евра, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – октомври 2019 година, изнесува 5.356.096.000 евра и бележи пораст од 10,8% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 6.919.135.000 евра, што е за 9,8% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – октомври 2019 година, изнесува 77,4 %.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и фероникелот. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови) и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.

Во периодот јануари – октомври оваа година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.

Фото: Pexels