Трговски дефицит од 2,5 милијарди долари во 2012-та година

25

Трговскиот дефицит во текот на 2012-та година достигна 2.506.985.000 долари, покажуваат дефинитивните податоци на Државниот завод за статистика.

Во истиот период, вкупната вредност на извозот е 4.015.403.000 долари, додека увозот бил на ниво од 6.522.388.000 долари. Покриеноста на увозот со извозот, како што покажуваат податоците, е 61,6%.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, производите од железо и челик (валани производи), облеката, и преработките од нафта. Во увозот најмногу се застапени платина и легурите на платина, необработени или во прав, суровата нафта, производите од железо и челик (валани производи) и електричната енергија.

Во периодот јануари-декември 2012 година, најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите-членки на ЕУ 27 со 62,8% и земјите од Западен Балкан со 24,4%, а во увозот на стоки најголемо учество имаат земјите-членки на ЕУ 27 односно 58,4% и останатите земји на др. место неспомнати со 12,1%.

Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Македонија најмногу тргува со Германија, Грција, Србија, Бугарија и Италија, односно 47,1% од вкупната надворешно-трговска размена се врши со овие пет земји.