Трговски дефицит од над 196 милиони евра во првите два месеца од 2016 година

46

Трговскиот дефицит во првите два месеца од 2016 година достигна 196.165.000 евра, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари – февруари 2016 година, изнесува 633.514.000 евра и бележи пораст од 7,2% во однос на истиот период од минатата година, а вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 829.679.000 евра што е за 7,1% повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – февруари 2016, изнесува 76,4%.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот, производите од железо и челик (валани производи). Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), електричната енергија и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари – февруари 2016 година, според вкупниот обем на надворешно – трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.