Трговски дефицит од над 210 милиони долари за два месеци

20

Трговскиот дефицит во првите два месеци од оваа година е 210.788.000 долари, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија во периодот јануари – февруари 2015 година изнесува 674.552.000 долари, а на увозот 885.340.000 долари. Покриеноста на увозот со извоз е 76,2%.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, сетови на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, производите од железо и челик (валани производи) и облеката. Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), електричната енергија и други метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари – февруари 2015 година, најголемо учество во извозот на стоки имаат земјите членки на ЕУ 28 со 78,8% и земјите од Западен Балкан со 9,8%, а во увозот на стоки најголемо учество имаат земјите членки на ЕУ 28 со 64% и Останати земји, на друго место неспомнати со 11%. Според вкупниот обем на надворешно – трговската размена, Република Македонија најмногу тргува со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија, односно 53% од вкупната надворешно – трговска размена се врши со овие пет земји.