Трговскиот дефицит во 2014 година достигна 1.757.916.000 евра, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари – декември 2014 година, изнесува 3.746.608.000 евра и бележи пораст од 15,8% во однос на истиот период од претходната година, а вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 5.504.524.000 евра што е за 10,5% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Покриеноста на увозот со извозот во овој период е 68,1%.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, сетови на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, производите од железо и челик (валани производи) и облеката. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), платината и легурите на платина, необработени или во прав, електричната енергија и други метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.
Во периодот јануари – декември 2014 година, според вкупниот обем на надворешно – трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија.