Трговскиот дефицит во 2014 година достигна 1,7 милијарди евра

14

Трговскиот дефицит во 2014 година достигна 1.757.916.000 евра, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари – декември 2014 година, изнесува 3.746.608.000 евра и бележи пораст од 15,8% во однос на истиот период од претходната година, а вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 5.504.524.000 евра што е за 10,5% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Покриеноста на увозот со извозот во овој период е 68,1%.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, фероникелот, сетови на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, производите од железо и челик (валани производи) и облеката. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), платината и легурите на платина, необработени или во прав, електричната енергија и други метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари – декември 2014 година, според вкупниот обем на надворешно – трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија.