Трошоците на живот во декември на исто ниво како претходниот месец

19

Трошоците на живот во декември, во однос на претходниот месец, останаа на исто ниво, додека кај цените на мало има намалување од 0,3%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Во 2014 година, во однос на 2013 година, трошоците на живот бележат намалување од 0,3%, а цените на мало бележат намалување од 0,9%. Намалување е забележано во групите: Рекреација и култура за 3,9%, Мебел, покуќнина и одржување на покуќнината за 1,6%, Транспорт за 1,4%, Ресторани и хотели за 1,2%, Храна и безалкохолни пијалаци и Комуникации за 1% и Домување, вода, електрика, гас и други горива за 0,2%.

Пораст е забележан во групите: Здравје за 7,9%, Алкохолни пијалаци, тутун за 4%, Останати стоки и услуги за 1,6%, Облека и обувки за 0,7% и Образование за 0,1%.

Намалување на цените на мало е забележано во групите: Услуги за 1,6%, Индустриско – прехранбени производи за 0,8%, Индустриско – непрехранбени производи за 0,6% и Земјоделски производи за 0,2%. Пораст е забележан во групата Пијалаци за 1,1%.

Трошоците на животот во декември 2014 година, во споредба со декември 2013 година, забележа
намалување од 0,5%, а цените на мало забележаа намалување од 2,3%.

Трошоците на животот во декември 2014 е на исто ниво како и во претходниот месец, но е забележано движење на цените во подгрупите. Пораст на трошоците на животот е забележан кај свежиот зеленчук за 10,5% и кај трајните колбасичарски производи за 0,3%. Исто така, пораст е забележан кај информатичката опрема за 2,9%, пакет туристичките аранжмани за 2,8%, велосипедите за 1,3%, сметот од домаќинствата за 1,1%, гасот за домаќинствата за 0,9%, апаратите за домаќинствата за 0,3% и алатите и опремата за куќа и градина за 0,2%.

Намалување на трошоците на животот во декември 2014 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај овошјето за 7,8%, маслото и маснотиите и шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 1,2%, јајцата за 0,7%, рибата за 0,4% и конзервираната риба за 0,3%.

Исто така, намалување на трошоците на животот е забележано и кај авионскиот превоз на патници за 12,3%, течните горива за домаќинството за 6,8%, течните горива и мазива за 5,4%, опремата за спорт и кампирање за 1%, домашните миленици, храната и услугите за нив за 0,5% и средствата за чистење и одржување на станот за 0,4%.