Трошоците на живот во февруари на исто ниво како претходниот месец

13

Трошоците на живот во февруари оваа година останаа на исто ниво во однос на претходниот месец, додека цените на мало бележат пораст од 0,1%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Трошоците на животот во февруари 2015 година се на исто ниво како и претходниот месец, но е забележано движење во подгрупите. Пораст е забележан кај свежото овошје за 3,7%, свежиот зеленчук за 1,9%, сувото и конзервираното овошје за 1,4%, безалкохолните пијалаци за 1%, другите неспомнати прехранбени производи за 0,6%, шеќер, џем, мед, чоколада и кондиторски производи за 0,5%, свежото млеко за 0,4% и алкохолните пијалаци за 0,2%.

Исто така, пораст на индексот на трошоците на животот во февруари 2015 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај болничките услуги за 4,2%, лековите за 3%, текстилот за домаќинствата за 2,1%, авионскиот превоз на патници за 1,6%, гасот за домаќинствата за 1,1%, средствата за лична хигиена за 0,8%, средствата за чистење и одржување на станот за 0,6%, пијалаците во рестораните и хотелите и накитот и часовниците за 0,5%, услугите за одржување и поправки на станот за 0,4% и комуникациите за 0,2%.

Намалување на трошоците на животот во февруари 2015 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај месото за 1,3%, замрзнатиот зеленчук за 0.,6%, конзервираниот зеленчук за 0,4%,
тестенините за 0,3% и лебот и житариците за 0,2%. Намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај течните горива за домаќинствата за 6,3%, обувките за 2,8%, сообраќајните средства за 2,6%, течните горива и мазива за 2,1% и облеката за 0,9%.

Трошоците на животот во февруари 2015 година, во споредба со февруари 2014 година, бележат
намалување од 1%, а цените на мало бележат намалување од 2,8%.