Царинската управа домаќин на состанок на ЦЕФТА поткомитет за царина и потекло на стоки

31

Царинската управа во рамки на македонското претседателство со ЦЕФТА Поткомитетот за царина и потекло на стоки во четврток 14.05.2020 година ќе го организира 19-тиот состанок на Поткомитетот за царина и потекло на стоки.

Состанокот со оглед исклучителните околности за ограничување на движење преку граница ќе се одржи преку видео конференциска врска, а на него се очекува да присуствуваат високи претставници од царинските управи и министерства на ЦЕФТА страните (Албанија, Босна и Херцеговина, Молдавија, Црна Гора, Србија и Косово). Исто така, предвидено е учество на директорот на ЦЕФТА Секретаријатот, високи претставници на Европската Комисија, ЕФТА Секретаријат, Светска банка и ИФЦ.

Покрај традиционалните теми, олеснување на меѓународната трговија и забрзување на царинските постапки, на поткомитетот ќе се разговара и за нови теми, како што се меѓународно признавање на ОЕО со ЕУ и ЕФТА, проширување на кумулацијата за потекло на стоки со останатите партнери во ПЕМ конвенцијата (медитеранските земји). Високо на агендата ќе бидат и активности на ЦЕФТА страните за новиот повеќегодишен план за Регионална економска област МАП РЕА 2.

Република Северна Македонија е прва земја во ЦЕФТА што во април 2020 година ја започна постапката за меѓународно признавање на одобренијата за Овластен економски оператор (ОЕО). На овој начин македонските компании ќе ги уживаат сите погодности на ЦЕФТА пазарот.

Фото: Pixabay