ЦБЦГ: Црна Гора излезе од рецесија

23

cbcg

Црна Гора излезе од рецесија во која беше во 2012 година, но растот и понатаму е успорен и треба да се динамизира во наредниот период, објавено е вчера на седницата на Советот на централната банка. На седницата е констатирано дека оваа година се очекува стапка на раст на бруто домашниот производ од околу 2,5%, што укажува дека Црна Гора дефинитивно излезе од рецесијата во која беше во 2012 година, пишува Побједа.

Советот ги усвои препораките на владата за водење на економската политика во следната година. Финансискиот систем е стабилен, а нивото на системски ризик е умерено. Растечката неликвидност на реалниот сектор и понатаму претставува клучна ранливост на економијата, додека состојбата во банкарскиот сектор е оценета како стабилна.

Црногорската економија, оценуваат од централната банка, во наредниот период ќе се соочи со голем број ризици, односно зачувување на фискалната стабилност, прелевање на негативни шокови од странство, високо учество на лоши кредити, висок степен на неликвидност во реалниот сектор, ниско ниво на конкурентност, високи каматни стапки, недиверзификација на извозот и висок дефицит на тековната сметка на платниот биланс.

Затоа акцентот на економската политика во наредната година треба да биде на структурните реформи кои ќе промовираат раст и развој и ќе креираат стабилност, оценува Советот на банката.