ЦЕЕД Македонија ја доби наградата и признанието за придонес во развојот на претприемништвото во централна и југоисточна Европа

20

Центарот за развој на претприемачи и менаџери (Center for Entrepreneurship and Executive Development – CEED) ЦЕЕД Македонија ја доби наградата и признанието за придонес во развојот на претприемништвото во централна и југоисточна Европа од Меѓународниот економски форум Перспективи.

Свеченото доделување на наградите и признанијата за придонес во развојот на претприемништвото на подрачјето на централна и југоисточна Европа Креатори на векот и Регионалниот самит на претприемачи од централна и југоисточна Европа 300 Најдобри се одржаа од 22-ри до 24-ти март во Дубровник.

Во рамки на Самитот 300 Најдобри, доделени се престижни награди и признанија Креатори на векот на поединци, компании, научно – образовни институции, локални и регионални заедници, невладини организации, медиуми… на сите оние кои со посветена и креативна работа придонесуваат за развој на претприемништвото, а со тоа и на развој на целокупната заедница во која живеат и создаваат.

Процесот на анимирање на предлагачи, предлагање на потенцијални кандидати, информирање и анимирање на кандидати, како и спроведување на пропишаните процедури, одлучување за лауреати, траеше од 15-ти јуни 2018 година до втори март оваа година. Во процесот на предлагање на кандидати, учествуваа 162 предлагачи од осум земји. Предложени се 411 кандидати од седум земји, а од нив и 112 номинирани, додека одбрани и наградени се 52 најдобри правни и физички лица од шест земји.

ЦЕЕД Македонија веќе 12 години игра важна улога во создавање на успешни бизнис приказни преку вмрежување, know – how бизнис решенија, пристап до финансии и нови пазари.