Цементарница Усје добитник на наградата Компанија предводник на целите за одржлив развој 2019

57

Цементарница Усје е добитник на наградата Компанија предводник на целите за одржлив развој 2019 од проектот Градење меѓусекторски партнерства за одржлив развој, финансиран од ЕУ, а спроведуван од невладината организација Конект, стои во соопштението.

Ова признание Усје го добива за своите активности во спроведувањето на принципите на Глобалниот договор на Обединатите нации (UN Global Compact) во сите свои деловни практики, а особено во областите дефинирани со Договорот – добро здравје и благосостојба, одговорна потрошувачка и производство, заштита на животната средина и партнерство за остварување на целите на Глобалниот договор.

“Компаниите, бизнисите и поединците, каде и да се наоѓаат и во која област и да делуваат, можат да одиграат клучна улога во подобрувањето на светот во кој живееме. Цементарница Усје неспорно е компанија – предводник на овие цели, поставени во Глобалниот договор на ОН, чија мисија е усогласување на принципите на бизнис-заедницата со оние на Светската организација. Таа ги воведува овие принципи во сите сфери од своето делување – и внатрешно, во компанијата, и надворешно, кон своите партнери, па немаше дилеми дека токму Усје треба да биде меѓу првите носителина ова признание во земјава“, беше речено на инаугуративната церемонија на доделувањето на наградите.

Цементарница Усје, меѓу првите во земјава, уште во 2008-та година му пристапи на Глобалниот договор на Обединетите нации и, меѓу другото, се обврза на примена и развој на етички деловни практики, транспарентност и спроведување на високи стандарди при работењето, охрабрување, развој и ширење на еколошки технологии, почитување и унапредување на одговорноста кон животната средина, постојана едукација и развој на вработените. Од 2015-та година Усје ја усогласи својата стратегија за одржлив развој со Целите на Обединетите нации 2030 и ги применува во своето секојдневно работење.

“За нас, во Усје, одржливиот развој не е прашање на кампањски активности во одреден рок и задоволување на нечии барања и принципи, туку развој на наша внатрешна култура на преземање активна одговорност за градење подобар свет од страна на менаџментот, но и на секој наш вработен. Таа култура се стремиме да ја шириме и кај нашите надворешни соработници и во пошироката заедница, затоа што одржливиот развој не е ништо друго, туку грижа за развој на општеството во целина,  за добросостојбатана луѓето и на нивните семејства“, изјави на церемонијата менаџерката за човечки ресурси и општествена одговорност на Цементарница Усје, Магдалена Славејкова.

Цементарница Усје има интегриран систем за управување со квалитет и со животната средина и континуирано го подобрува своето работење од тој аспект, презема редовни активности за развој на безбедноста, здравјето и образованието на вработените и на нивните семејства и креира долгорочни партнерства и соработка со локалната заедница, град Скопје и централните институции, како и со невладиниот и граѓански сектор и образовните институции од сите нивоа на образовниот систем.