Цената на нафтата скокна, приближувајќи се на највисокото ниво годинава

13

На лондонскиот пазар цената на нафтата силно порасна минатата недела, приближувајќи се на највисоките нивоа оваа година, што е последица на шпекулациите дека најголемите светски производители ќе задржат намалено производство на „црното злато“.

На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела скокна за 4,7 отсто, на 88,49 долари, што е највисоко ниво од крајот на јануари. На американскиот пазар, пак, цената на барелот се зголеми за 6,5 отсто, на 85,02 долари, највисоко ниво од ноември минатата година.

Саудиска Арабија може да го намали производството

Со ова цените ги повратија сите загуби од претходните две недели, што е последица на загриженоста на трговците за понудата.

Имено, се шпекулира дека водечкиот светски извозник Саудиска Арабија, исто така, ќе го намали производството за еден милион барели дневно во октомври, што е повеќе од договореното намалување на производството од страна на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници.

Русија, вториот најголем извозник на нафта во светот, веќе се договори со сојузниците од ОПЕК+ за намалување на извозот на нафта следниот месец, изјави рускиот вицепремиер Александар Новак.

Побарувачката се очекува да расте

Побарувачката, од друга страна, треба да зајакне, судејќи според падот на комерцијалните залихи во САД во пет од изминатите шест недели.

Покрај тоа, трговците се надеваат на закрепнување на кинеската економија. И ОПЕК и Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) проценуваат дека Кина, најголемиот светски увозник на нафта, ќе ја зголеми побарувачката до крајот на годината.

Сепак, останува да се види колку ќе забави растот на најголемите светски економии оваа година и дали централните банки на западните земји ќе ги зголемат каматните стапки уште неколку пати поради високата инфлација.

По силниот скок минатата недела, цените на нафтата во моментов се повисоки отколку што беа на почетокот на годината. На лондонскиот пазар во однос на почетокот на годината цената на барелот поскапе за околу 3 отсто, а на американскиот пазар речиси 6 отсто.