Цените на нафтата од утрово се во благ пад

37

Цените на нафтата од утрово се во благ пад. На лондонскиот пазар вредноста на барелот е 91 долар, што е намалување за околу 1 отсто, кога цената беше 92 долари за барел.
Американската WTI нафта утрово се тргува по цена од 85 доари за барел.

Цените на нафтата се речиси непроменети на неделно ниво

На светските пазари, цените на нафтата на крајот од минатата недела беа речиси исти како и претходната, бидејќи од една страна, побарувачката може да ослабне поради забавувањето на економскиот раст, додека производителите, од друга страна, да ја намалат понудата од „црното злато“.

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела се лизна за 0,2 отсто, на 92,84 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 0,1 отсто, на 86,79 долари.

Целата мината недела цените беа под притисок поради стравувањата на трговците дека заострувањето на монетарната политика во западните земји ќе предизвика забавување на растот на економиите, а можеби дури и рецесија.

Европската централна банка во четвртокот ги зголеми каматните стапки за агресивни 0,75 процентни поени за да ја ограничи инфлацијата во еврозоната, која се движи на рекордно ниво над 9 отсто.

Претседателот на американската централна банка Џером Пауел изјави дека ФЕД е „силно посветена“ на сузбивање на инфлацијата и дека ќе продолжи да ја заострува монетарната политика додека не ја постигне таа цел.

Затоа, сосема е јасно дека ФЕД ќе продолжи агресивно да ги зголемува каматните стапки за да ја ограничи инфлацијата, која се движи околу највисоките нивоа во повеќе од 40 години.

ФЕД ги зголемува каматните стапки од март, а дополнително ќе ги зголеми на дводневната седница на 20 и 21 септември. Се очекува ново, трето по ред, зголемување од 0,75 процентни поени, во опсег од 3 до 3,25 отсто.

А потезите на ФЕД и ЕЦБ ќе го забават растот на американската и на еврозоната, поради што се очекува слабеење на побарувачката за нафта.

Трговците се загрижени и за строгите мерки за борба против Ковид-19 во Кина.

Градот Ченгду во четвртокот го продолжи карантинот за повеќето од своите над 21 милион жители, а на милиони граѓани во другите делови на Кина им беше кажано да избегнуваат патување за претстојниот празник.

И додека беа под притисок цела недела, цените на нафтата ги повратија речиси сите загуби во петокот, бидејќи трговците се фокусираа на најавите на водечките производители дека ќе ја намалат понудата.

Рускиот претседател Владимир Путин се закани дека ќе го прекине извозот на нафта и гас во Европа доколку Брисел ги ограничи цените на руските енергетски производи, а Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници одлучија малку да го намалат снабдувањето во октомври, за 100.000 барели дневно.

Ова е само 0,1 отсто од глобалната побарувачка, но ОПЕК соопшти дека може да се состане пред 5 октомври, за кога е закажана следната редовна средба, доколку е неопходно да се прилагоди производството.

Аналитичарите велат дека ова е симболична порака дека ОПЕК може дополнително да го намали производството доколку цената на нафтата падне премногу ниско.

„Во следните месеци Западот ќе мора да се справи со ризикот од губење на залихите на руски енергетски производи и скок на цената на нафтата“, изјави Стивен Бренок од PVM.

Откако минатата година пораснаа за повеќе од 50 отсто, благодарение на закрепнувањето на светската економија од кризата со корона, цените на нафтата се зголемија за повеќе од 15 отсто од почетокот на оваа година, најмногу поради војната во Украина.