Цените на нафтата растат на почетокот на тргувањето во Новата година

55

Цените на нафтата денеска зајакнаа, почнувајќи со позитивен тренд во новата 2022 година, но нивниот пораст беше ограничен поради стравувањата поврзани со континуираниот раст на бројот на заразени со Ковид-19.

Во фокусот на трговците е утрешната средба на Организацијата на земјите извознички на нафта и нејзините сојузници, група наречена ОПЕК +.

Цената на северноморската нафта Брент порасна за 59 центи или 0,76 отсто на 78,37 долари за барел во азиската трговија до 4:40 часот по средноевропско време. Фјучерсите на американската нафта WTI пораснаа за 63 центи, или 0,84 отсто, на 75,84 долари за барел, објави Ројтерс.

Намалувањето на испораките од Либија пред состанокот на ОПЕК + го поддржа позитивното расположение на пазарот, велат од „Swastika Investmart“.

Либиската државна нафтена компанија во саботата соопшти дека производството на нафта во земјата ќе се намалува за 200.000 барели дневно во текот на една недела поради редовното одржување на главниот нафтовод меѓу нафтените полиња Самах и Дахра.

Во исто време, ОПЕК + се очекува да се држи до својот план за постепено зголемување на производството на состанокот во вторник и зголемување на испораките за 400.000 барели дневно во февруари, изјавија четири доброупатени извори за Ројтерс.

Цените на нафтата се зголемија за околу 50 отсто минатата година, поттикнати од закрепнувањето на глобалната економија од пандемијата на Ковид и одлуката на Алијансата ОПЕК + да води политика на ограничено производство, иако бројот на заразени достигна рекордни нивоа ширум светот.

Здравствените експерти во Соединетите држави ги предупредија Американците да се подготват за сериозни нарушувања во наредните недели, проценувајќи дека стапката на раст на инфекцијата најверојатно ќе се влоши поради зголеменото патување за време на празниците, јавните новогодишни прослави и повторното отворање на училиштата по зимската пауза.

Аналитичарите на пазарот на нафта ги намалија прогнозите за цените за 2022 година, бидејќи веруваат дека „омикрон“ варијантата на коронавирусот ќе го задуши закрепнувањето на побарувачката за гориво и дека постои ризик од вишок понуда бидејќи производителите ќе пумпаат повеќе нафта, според анкетата на Ројтерс во петокот.

Според студијата на британската агенција, 35 економисти и аналитичари предвидуваат дека нафтата од типот „брент“ оваа година во просек ќе чини 73,57 долари за барел, што е за околу 2,0 отсто пониско од прогнозата од 75,33 долари во ноемвриската анкета. Ова е првпат од август минатата година да се намали предвидената цена за 2022 година.

Што се однесува до американската нафта ВТИ, сега се проценува дека нејзината цена ќе биде во просек 71,38 долари за барел оваа година, што е исто така под ноемвриската прогноза од 73,31 долари.