Ценовна стабилност, стабилност на денарот и соодветна монетарна политика – столбови на економијата

77

Соодветната монетарна политика, загарантираната ценовна стабилност и стабилноста на денарот се и ќе бидат еден од најцврстите носечки столбови на македонската економија. Подготвеноста на Народната банка соодветно да го користи просторот за делување и во текот на корона-кризата да презема навремени и ефикасни монетарни мерки е од големо значење за ублажување на неповолните ефекти врз реалната економија. Макроекономските проекции на Народната банка за оваа година упатуваат на инфлација од 0%, а пад на економската активност од 3,5%, според основното сценарио, додека наредната година се очекува постепено закрепнување, под претпоставка дека ќе има стабилизирање на состојбите со корона-кризата во македонската економија, но и погенерално кај нејзините најзначајни трговски партнери, што е особено значајно за извозниот сегмент.

Ова се дел од констатациите коишто беа споделени на состанокот помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и амбасадорката на Британија, Рејчел Галовеј, којшто се одржа телеконференциски. На состанокот се дискутираше за макроекономските проекции на Народната банка, монетарната политика и мерките што Народната банка ги презеде по отпочнување на корона-кризата, како и за макроекономската стабилност. Дополнително се разговараше и за активностите поврзани со финансиските технологии.

Во дискусијата за мерките што Народната банка ги презеде по отпочнување на корона-кризата, одделно се коментираше за очекуваните ефекти од намалувањето на основната каматна стапка и ослободувањето ликвидност во банкарскиот систем, како и за овозможувањето поповолни услови за отплата на банкарските кредити од страна на кредитокорисниците погодени од кризата и стимулирање натамошно поповолно кредитирање, особено на погодените сектори.

Ангеловска-Бежоска истакна дека ценовната и финансиската стабилност и натаму остануваат приоритети, а дека дополнително, во рамките на просторот за делување и согласно со надлежностите, Народната банка ќе придонесува и за економското заздравување за да се надмине кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19.

Во тој контекст беше споделено и мислењето дека е исклучително важно што монетарната стратегија на Народната банка е оптимална за македонската економија и компатибилна со нејзините структурни карактеристики. Искуствата од претходните епизоди на криза потврдуваат дека задржувањето на стабилноста на денарот е клучна за брзото стабилизирање на очекувањата на домашните субјекти и со тоа за спречување на поголеми негативни ефекти врз реалниот сектор.

Во однос на активностите што се преземаат за поттикнување и поддршка на примената на финансиските технологии, одделно се дискутираше и за активностите на т.н. Порта за иновации – платформата за комуникација на Народната банка со финтек-секторот, којашто интензивно работи и во периодот на корона-кризата, со голема ангажираност на стручен тим од Народната банка. Во тој контекст се дискутираше и за примената на финтек во банкарскиот сектор, како и за националната Стратегија за примена на финансиските технологии, на којашто Народната банка ќе работи оваа година.

Кон крајот на состанокот, Ангеловска-Бежоска и Галовеј искажаа задоволство што во текот на досегашните дваесет и седум години билатерална соработка меѓу двете земји, комуникацијата помеѓу Народната банка и Британската амбасада се одвива на високо професионално ниво, како и увереност дека таквата комуникација ќе продолжи и понатаму.