Централна кооперативна банка ќе емитува долгорочни должнички конвертибилни обврзници

48

Комисијата за хартии од вредност (КХВ) даде одобрение Централна кооперативна банка да ја издаде првата емисија на долгорочни должнички конвертибилни обврзници, стои во соопштението на КХВ.

Предмет на понудата се 5.000 обврзници со вкупна продажна вредност од 5.000.000 евра, со годишна фиксна каматна стапка од 2,2%. Емисијата се врши по пат на јавна понуда, а заради зајакнување на вкупниот финансиски капацитет на банката и исполнување на зацртаните бизнис цели, како и за зголемување на капиталот на банката и обезбедување на оптимална адекватност на капиталот во наредниот период. Процентот на успешност на јавната понуда е над 60% од вкупната емисија.

КХВ, исто така, донесе решение со кое на Уни Банка АД Скопје ѝ даде одобрение за издавање на долгорочни хартии од вредност по пат на приватна понуда. Станува збор за 5.000 перпетуални обврзници, со вкупна вредност на емисијата од 5.000.000 евра. Овој инструмент што за прв пат кај нас го издаваУни Банка, а кој Комисијата го призна како хартија од вредност е препознаен во легислативата од доменот на банкарството и во моментов во Република Македонија може да биде издаден само од банка. Уни банка за овој инструмент ќе побара прием на котација на Македонска берза, со што ќе се збогати понудата на пазарот на хартии од вредност. Перпетуалната обврзница е веќе прифатена на пазарите на капитал во развиените држави, пред сѐ од страна на институционалните инвеститори.

На седницата што се одржа на 18 јануари, 2019 година, КХВ донесе решение со кое на лицата Васил Георгиев и Ристо Масев, им издаде дозвола за давање понуда за преземање на Нова Стоковна Куќа АД Струмица. Понудата се однесува на 659 обични акции со право на глас, кои претставуваат 52,76% од основната главнина на друштвото. Преземачите се обврзуваат да ги откупат хартии од вредност по цена од  61.500 денари по акција. Најмалата количина на хартии од вредност која треба да се прифати за понудата да се смета за успешна е 438 обични акции, што изнесува 35,06% од вкупниот број на обични акции со право на глас издадени од Нова Стоковна Куќа АД Струмица.

Исто така, КХВ даде согласност на измените и дополнувањата на Правилата за котација на Македонската берза АД Скопје, а обнови и една дозвола за работење на брокер.