Централна кооперативна банка со добивка од 17 милиони денари ја заврши годината

31

Централна кооперативна банка, од јануари до декември 2020 година, работеше со добивка од 17.022.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

Една година претходно добивката на банката беше 9.838.000 денари.

“Во текот на 2020 година, банката оствари нето-добивка во висина од 17 милиони денари. Овој финансиски резултат е за седум милиони денари подобар од резултатот остварен минатата година, но е за 45% понизок од планираниот за периодот“, стои во Коментарот на билансот на успех.

Во текот на 2020 година, Банката бележи  пораст на кредитната активност кај секторот население и опаѓање  на истата кај нефинансиските друштва. Позицијата кредити на и побарувања од други комитенти бележи пораст од 5,9% во однос на крајот од 2019 година. Оваа позиција порасна за 397 милиони денари. Во однос на поставениот план, позицијата кредити на и побарувања од други комитенти бележи реализација од 94%.

Наспроти нагорниот континуитет на каматните приходи во сегментот население, во услови на висока конкуренција, Банката оствари пониски приходи од камати за 0,4% во споредба со минатата година. Остварените приходи од камати во 2020 година, во однос на планираните, се пониски за 8,6%. Во услови на континуиран тренд на намалување на активните каматни стапки, при намалени каматни стапки на благајничките записи, како една од мерките поврзани со здравствената криза, Банката успеа да оствари нето-каматен приход близу до минатогодишниот, односно истиот е повисок за 0,6%.

Во текот на 2020 година, извесен период позицијата приходи од провизии бележеше намалување, но со крајот на годината, како резултат на привлечени нови клиенти во Банката, забележан е пораст на приходите од провизии за 13,5% во однос на истиот период претходната година или подобрување од 15,8 милиони денари. Тој пораст придонесе кон пораст на позицијата нето-приходи од провизии и надомести за 16,1% или 12,1 милиони денари, во однос на истиот период претходната година, додека планот е надминат за 7,6%.

Фото: Pexels