Централниот депозитар за хартии од вредност со нова услуга – прекугранично порамнување

54

Комисијата за хартии од вредност (КХВ) на 35-тата седница даде согласност на Правилата за прекугранично порамнување на Централниот депозитар за хартии од вредност, стои во соопштението.

Согласно овие правила, Депозитарот ќе врши нова услуга – прекугранично порамнување, односно ќе отвора сметки на име на странски депозитари/институции кои вршат порамнување и тоа врз основа на меѓусебно склучен договор. Идентитетот на клиентите чии хартии од вредност се евидентираат за прекугранично порамнување е познат само на членките на странскиот депозитар, а сопственик на хартиите е членката или негови клиенти и тие се одвоени од имотот на странскиот депозитар. Согласно правилата, прекуграничните трансакции можат да бидат порамнети без плаќање или со испорака наспроти плаќање.

На седницата, Комисијата усвои пакет Правилници, изменети и дополнети согласно Законот за заштита на личните податоци. Ваквото усогласување произлегува од  определбата  на Комисијата за хартии од вредност, правото на приватност и заштитата на личните податоци да бидат еден од приоритетите на институцијата. Затоа, откако беше направена ревизија на постојните подзаконски акти, Комисијата коригираше 23 Правилници со цел во деловните процеси да се имплементираат стандардите, утврдени со законските и со подзаконските прописи за заштита на личните податоци во земјава.

Исто така, КХВ донесе Решение, со коешто Друштвото за управување со инвестициски фондови КД Фондови АД Скопје го задолжува Одлуката за утврдување на висината на надоместоците што се исплатуваат на овластените претставници за продажба на удели да ја донесе Одборот на директори на друштвото, а не извршниот директор како досега. На тој начин, ќе се воспостави поделба на надлежностите помеѓу Одборот на директори и извршните директори на друштвото.

Фото: Pixabay