Црна Гора: Најмногу вработувања во средни и мали компании

25

sl

Фото: Pixabay

Работодавачите во Црна Гора искажуваат оптимизам во поглед на економскиот развој на земјата, како од аспект на развој на бизнисот, така и од аспект за зголемување на бројот на вработени. Укажуваат на недостаток на одредени знаења и вештини и на потребна реализација на програмата за образование со која се ускладува понудата и побарувачката.

Како главно ограничување за развој на бизнисот, работодавачите ги наведуваат тешкотиите во обезбедување финансиски средства и високи каматни стапки на кредитите, но и проблем со наоѓање адекватна работна сила. Ограничени се и средствата од Заводот за самовработување, а не е адекватна ниту поддршката на старт-ап бизнисот, стои во резултатите на Анкетата на работодавачи 2016/2017, што ја спроведува Заводот за вработување на Црна Гора.

Анкетираните работодавачи најчесто како главен недостаток кај вработените (32,6%) ја истакнуваат работната етика (однос кон работата, мотивираност, одговорност, доверливост, искреност) и недостаток на способност за независна и самостојна работа (26,6%). За 55,1% од работодавачите, недостатокот на одредени знаења и вештини кај вработените можат да претставуваат значајна или голема пречка за работење и раст на компанијата.

Според анкетата, сезонската работна сила најмногу учествува во услугите сместување и исхрана (25,4%), трговија (20,1%) и градежништво (9,6%). Сезонското ангажирање на работна сила, како домашна, така и странска, најчесто е во траење од преку три месеци. Повеќето анкетирани работодавачи кои вработиле сезонска работна сила, како најважни причини за вработување странци на тие позиции ги оценуваат недостатокот на домашна работна сила од потребниот профил и тоа што домашната работна сила не ги прифаќа понудените позиции…

Најмногу вработувања имало кај средните компании (45,4%), кај малите (22,1%) и кај микро фирмите (17,6%), па дури потоа кај големите компании.

Анкетата на работодавачи Заводот ја изработува веќе 15 години. Последното истражување е спроведено во декември минатата и јануари оваа година, на примерок од 653 работодавачи, со 21.000 вработени.