Црна Гора: Потенцијалните резерви на нафта се мерат во милијарди евра

77

Црногорскиот министер за капитални инвестиции Младен Бојаниќ рече дека инсталацијата на првата нафтена платформа на Јадранот е добар проект што ќе и помогне на Црна Гора.

“Судбоносно прашање е Црна Гора да излезе од економската криза“, рече Бојаниќ, одговарајќи на прашањето на пратеникот на албанската коалиција, Фатмир Џека, за поставувањето на нафтената платформа, пренесе CDM.

Според него, договорите потпишани од претходната влада за истражување на нафта и гас се добри.

“Сè е јавно, отворено и транспарентно. Немам проблем да кажам дека поранешната влада се справила добро што се однесува до оваа работа“, истакна Бојаниќ.

Според него, концесионерите обезбедиле гаранција дека во случај на било каков инцидент, тие ќе ја сносат штетата и ќе плаќаат отштета на трети лица.

“Прерано е да се зборува за годишен профит. Она што можеме да го кажеме е дека потенцијалните резерви на нафта и гас се мерат во милијарди евра“, посочи Бојаниќ, додавајќи дека истражувачкото дупчење ќе трае четири до шест месеци.

Фото: Pixabay