Тука наместо со пари се плаќа со време

69

Шведскиот производител на мебел, Ikea им овозможува на своите корисници да плаќаат со време. Тоа значи дека колку подолго патуваат за да стигнат до продавницата на Ikea, толку повеќе работи ќе можат да си купат.

Овој месец, Ikea во Дубаи спроведува кампања што им овозможува на потрошувачите потрошеното време да го користат како валута. Потребно е само на вработените да им се покаже поминатата маршрута преку апликацијата Google Maps, што ќе претставува доказ за поминатото време за патување, пишува Forbes.

Идејата за ваков вид на наплата е во фактот што потрошувачите трошат многу време за да стигнат до продажните објекти на Ikea што најчесто се сместени на периферијата од градот. Поради тоа, воведена е цена за секој производ во “временски монети“, чија вредност е формирана врз основа на просечните примања во Дубаи.

Па така, освен во дирхам (официјална валута на Обединетите Арапски Емирати), потрошувачите во Дубаи ќе можат да плаќаат со потрошеното време за патување за да стигнат до Ikea.

“Пред да ја започнеме кампањата, сфативме две работи: времето денес е драгоцено и купувачите трошат голема количина на време за да дојдат до нашите продавници, коишто понекогаш се далеку од центарот на градот“, велат од Ikea Дубаи и нагласуваат дека на овој начин сакаат да им се оддолжат на потрошувачите.

Фото: Pexels