Турција магнет за странски инвеститори, Словенија на дното во регионот

98

investicii

Турција е земја што во текот на минатата година имаше странски директни инвестиции (СДИ) во вредност од 9.550.000.000 евра, покажуваат податоците на Виенскиот институт за интернационални економски студии.

За разлика од Турција, Словенија е земјата што во 2013 година забележа голем капитален одлив во висина од 511.000.000 евра.

Европската економска криза имаше големо влијание врз економиите во регионот, а за тоа сведочат и статистичките податоци на земјите. Турција иако е моќна економска сила, забележа намалување на странските директни инвестиции во 2013 година во однос на претходната година, кога СДИ биле 10.290.000.000 евра.

Зад Турција, според странските директни инвестиции е Романија. Во оваа земја лани се слеале 2.730.000.000 евра странски инвестиции, а зад неа е Бугарија со 1.092.000.000 евра.

Инвестициски бум во 2013 година забележа Албанија, каде странските инвеститори вложија 923.000.000 евра, додека претходната 2012 тие биле на ниво од 666 милиони евра. Србија лани евидентираше 779.000.000 евра странски директни инвестиции, што е огромен скок во однос 2012 година –  284 милиони евра.

Следи Хрватска, најновата земја членка на Европската унија, каде лани странските инвеститори вложиле 437.000.000 евра, што е драстично помалку од 2012 година кога СДИ биле 1.055.000.000 евра. Зад Хрватска е Црна Гора со СДИ од 337.000.000 евра, додека Косово е подолу со странски директни инвестиции во вредност од 270.000.000 евра.

Македонија со 251.000.000 евра е зад сите овие земји во регионот. Но, за разлика од претходната 2012 година, кога СДИ беа во вредност од 72.000.000 евра, забележан е пораст кај вложувањата од странство во нашата земја. Зад Македонија, според податоците на Институтот, се Босна и Херцеговина и Словенија. БиХ минатата година привлекла 244.000.000 евра странски инвестиции, додека една година претходно тие биле 273.000.000 евра.

Словенија е земјата што забележа дезинвестирање од 511 милиони евра. Станува збор за средства што се одлеале од земјата во странство, додека тој одлив во 2012 година бил 46 милиони евра во минус.