Туристичкиот сектор бара бесплатни Кoвид тестови за странски државјани

19

Бесплатни Ковид тестови за сите странски државјани кои треба да го продолжат престојот во земјава, а се сместени во домашните хотели, како и итни протоколи за дејствување доколку некој од нив е корона-позитивен, бара Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија.

Според Здружението, на туристичкиот сектор во овој момент му е неопходно брзо делување со системска поддршка од државата – веднаш да се почне со промоција на туристичката понуда и да се скратат административните бариери посебно за земјите од кои традиционално имаме гости.

“Како што беше речено денеска на прес-конференција, не смееме да го пропуштиме моментот да се позиционираме како атрактивна туристичка дестинација особено ако се земе предвид дека голем дел од туристите веќе бараат замена на подалечните со поблиски места, до кои се лета пократко, не повеќе од два до три часа. Во отсуство и неможност за користење вообичаени маркетинг активности, бесплатните КОВИД-тестови треба да послужат како промоција, поттик и олеснување на бизнис или туристичката посета во нашата држава. Воедно ќе помогнат за поголема контрола и увид во ширењето на вирусот, со што приоритет останува заштитата на јавното здравје. Сметаме дека со нив ќе му се помогне на бизнис секторот, посебно на странските компании кои работат во државава, но и директно ќе се помогне на туристичко-угостителскиот сектор за долгорочно да ја адаптира својата понуда за оперирање во услови на пандемија и со тоа да ја зголеми својата економска активност“, рече заменик-претседателот на Здружението на угостителството и туризмот, Александар Кузмановски.

Тој укажа и на потребата од итно изготвување и објавување стандардизирани информации, со редовна обнова (update) на јасни и недвосмислени правила за влез и излез од државава, како и пропишани мерки во време на пандемија кои ќе се однесуваат на сите што доаѓаат и престојуваат во земјава. Информациите, напомена Кузмановски, треба да бидат објавени веднаш, на неколку светски јазици, на официјалните страници на министерствата за надворешни и за внатрешни работи и на сите релевантни државни институции, преку мрежата на економската дипломатија, како и на веб страниците на македонските амбасади низ светот, пренесува МИА.

Фото: Pixabay