Туристичките работници излегуваат на протест

121

Мирен протест пред Владата денеска ќе одржат туристичките работници, со цел да укажат дека без поддршка од државата не можат да ја надминат кризата во која се најдоа поради коронавирусот. За протестот се пријавени повеќе од 700 учесници кои ќе бидат следени од автобуси.

Протестот ќе почне симболично пред Дрво-декор, од каде што најчесто тргнуваат туристичките тури и ќе продолжи низ неколку улици во центарот на Скопје, додека зградата на Владата е последната дестинација.

Туристички работници нагласуваат дека протестот нема никаква политичка позадина, а со оглед на тоа што се одржува во време на пандемија, преземени ќе бидат сите заштитни мерки, носење маски и дистанцирање.

Планирано е повторно обраќање на дел од учесниците, со цел да потсетат дека цели пет месеци се без никакви примања, без никаква, како што велат, можност за одржување на секторите (туризам и превозници), како и дека, ако државата не им помогне, многу од фирмите во овој сектор ќе бидат приморани наскоро да стават клуч на врата.

“Само заеднички ќе успееме да се избориме за опстанок на повеќе од 5.000 вработени и повеќе од 300 агенции во целата држава“, дополнуваат организаторите на протестот. Туристичките работници во два наврата реагираа и укажуваа на големината на проблемот со кој се соочуваат. Освен што побараа поддршка од државата, предложија и конкретни мерки за надминување или барем ублажување на ситуацијата.

Пандемијата на коронавирусот предизвика загуби од 320 милијарди долари за светскиот туризам во периодот од јануари до мај, според податоците на Светската организација за туризам.

Тоа е трипати повеќе од загубите забележани во приходите на светскиот туризам за време на економската криза во 2009 година, оцени организацијата којашто работи под покровителство на Обединетите Нации во Мадрид.

Фото: Pixabay