Туристичко-угостителскиот сектор без поголема поддршка го очекува колапс

15

Туризмот и угостителството имаат значителен придонес во домашната економија, но покрај позитивните социјaлно-економски влијанија кои ги имаат овие дејности, тие сепак се најчувствителни на надворешни влијанија како што е актуелниот случај предизвикан од глобалната пандемија.

Ширење на вирусот го ограничи движењето на луѓето, доведе до промени во секојдневните навики на живеење на луѓето за патување и воопшто за социјалните активности. Туристичко-угостителскиот сектор е најпогоден од актуелната криза, каде загубите кај голем број правни субјекти беа и сè уште се 100 процентни. Првиот удар за беше тоа што кризата почна на самиот почеток на сезоната кога и се затворија границите.

“Овој сектор се најде во ситуација од период на неактивност да влезе во период на рестрикции. Мало подобрување на состојбата имаше во летниот период, кога некои субјекти успеаја да ја намалат загубата, но гледано на годишно ниво, не се постигна остварување на профит ниту пак покривање на трошоците. Се постигна единствено намалување на загубите. Во подеднакво незавидна состојба се хотелите, туристичките агенции, рестораните, кафулињата, ноќните клубови, рент-а-кар компаниите, кои имаат високи фиксни трошоци поради природата на нивната дејност, без разлика дали работат или не“, изјави Владимир Граматиков, претседател на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија.

Туристичкиот сектор прв се обедини, а Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори во дијалог со Владата активно се вклучи во предлагање на соодветни мерки за помош на секторот. Владата донесе четири пакети на економски мерки кои беа насочени кон целата економија, но и таргетирани кон туристичко-угостителскиот сектор.

Подолу даваме реален приказ на трошоци и добиената помош во различни дејности од секторот.

Угостителите се меѓу најпогодените од пандемијата, бидејќи голем дел од нив немаат никаква активност 10 месеци или поточно од март 2020. Секој ресторан има просечни месечни режиски трошоци од околу 5.000 евра на што треба да се додадат и трошоците за плати на вработените. Добија еднократна помош од 10.000 евра што е еквивалент на покритие за трошоците за два месеци, како и финансиска поддршка од 14.500 денари за шест месеци.

На туристичките агенции просечно месечно се потребни 1.500 евра за режиски трошоци, но имаат и дополнителни трошоци за плати за вработени. Тие добија финансиска помош во висина од 3.000 до 5.000 евра еднократна помош и финансиска поддршка од 14.500 денари за шест месеци.

Туристичките водичи, кои останаа без прилив цели девет месеци, добија помош дури на крајот на годината, кој доколку се пресмета на просечно месечно ниво за 10 месеци од кризата е околу 6.000 денари месечно.

Рент-а-кар компаниите, покрај намалувањето на работа од повеќе од 60 отсто едновремено се соочуваат со огромна загуба на капиталот по однос на губење на вредност ва возилата, кои им се основно средство за работа, кои генерираат трошоци за сервисирање и регистрација со дополнителна доплата за дејноста. Од економските мерки имаа можност да аплицираат за финансиска поддршка од 14.500 денари за период од 6 месеци.

“Важно е да се нагласи дека се цени помошта од државата, но апелираме во 2021 година таа да биде посилна и таргетирана кон поддршка на туризмот и угостителство, за да може да се преживее. Средствата се потрошени и ако нема посилна поддршка многу од деловните субјекти ќе згаснат. Многу е значајно во обезбедување на економската помош да има континуитет односно таа да продолжи од јануари“, изјави Граматиков.

Туристичко-угостителската комора на Македонија повеќе од 10 години ги застапува интересите на над 1500 претпријатија и со интензивирање на јавно-приватниот дијалог ќе продолжи да делува за подобри услови во туризмот и угостителството.