Турција ќе го произведе својот прв брз воз со капацитет од 584 патници

Турскиот министер за транспорт и инфраструктура Абдулкадир Уралоглу рече дека тестирањето на првиот турски брз воз треба да започне во првиот квартал на следната година.
Тој истакна дека се работи за воз со максимална брзина од 225 километри на час и капацитет од 584 патници во осум вагони. Ќе го произведува Турската железничка индустрија (ТУРАСАС), а Уралоглу нагласи дека во производството ќе се користат само домашни ресурси.

Проектната фаза треба да заврши до последниот квартал од оваа година, по што ќе започне монтажата. Уралоглу истакна дека во тек е трансформација за да се направи Турција самодоволна во производството на железнички возила.

„Нашите инвестиции во транспортот и инфраструктурата продолжуваат да даваат резултати. Турција сега е земја која дизајнира, произведува и развива железничка технологија“, рече ресорниот министер.

Тој нагласи дека брзиот воз ќе има најсовремена технологија. Во развојот на овој воз бил вклучен Советот за научно-технолошки истражувања на Турција (ТУБИТАК) при Институтот за железнички технологии, пишува турскиот весник Дејли Сабах.

Брзиот воз ќе го произведува TURASAS (Фото: Министерство за транспорт и инфраструктура на Турција)