УЈП: Финансиска помош за работодавачите за исплата на минимална плата

20

ujp-4-580x335

Работодавачите кои ги исполнуваат условите од Законот за минимална плата во Република Македонија, имаат право на финансиска помош за исплата на минимална плата за месец септември 2017 година до август 2018 година, стои во соопштението на Управа за јавни приходи (УЈП).

Финансиската помош се обезбедува за период од месец септември 2017 до месец февруари 2018 година во следните износи:

– 2.000 денари по вработен, за вработени кои биле во работен однос кај работодавачот во јануари, февруари и март 2017 година и просечниот износ на исплатената месечна нето плата за овој период им бил до 10.000 денари;
– 1.500 денари по вработен, за вработени кои биле во работен однос кај работодавачот во јануари, февруари и март 2017 година и просечниот износ на исплатената нето плата за овој период им бил помеѓу 10.001 и 10.500 денари;
– 1.000 денари по вработен, за вработени кои биле во работен однос кај работодавачот во јануари, февруари и март 2017 година и просечниот износ на исплатената месечна нето плата за овој период им бил помеѓу 10.501 и 11.000 денари и
– 500 денари по вработен, за вработени кои биле во работен однос кај работодавачот во јануари, февруари и март 2017 година и просечниот износ на исплатената месечна нето плата за овој период им бил помеѓу 11.001 и 11.500 денари.

Финансиската помош за исплата на минималната плата за месец март 2018 до месец август 2018 година, изнесува 50% од наведените износи.

Пресметката на просечниот износ на исплатената месечна нето плата во јануари, февруари и март 2017 заклучно со 31.08.2017 година, се врши за лицата кои биле во работен однос кај работодавачот во сите три месеци, при што вкупниот број на одработени часови (ефективни часови, надоместок за боледување на товар на работодавачот, прекувремени часови) во овие три месеци се дели со износот на пресметаната нето плата во трите месеци, при што се добива нето плата по час. Овој износ се споредува со пресметаната плата по час, согласно праговите на исплатена плата утврдена со законот и се одредува категорија на финансиска помош.

Барањето за обезбедување на финансиската помош, работодавачите го изразуваат преку пополнување на шифра во пресметките за плата за вработеното лице за кое бараат финансиска помош.

Сите работодавачи кои ја исплатиле платата за месец 09/2017 година, а не побарале обезбедување на финансиска помош истото може да го сторат со поднесување на исправка (103) само за вработените лица за кои бараат обезбедување на финансиска помош. Барање за финансиска помош може да се поднесе само од работодавачи – правни лица во конечна пресметка или во исправка на пресметката, односно не се опфатени аконтативни пресметки.