Управата за јавни приходи (УЈП) информира за измените и дополнувањата на Законот за финансиска дисциплина, коишто се објавени во Службен весник број 215/15.
Според тоа, се менува фазата во којашто овластените подносители се должни да поднесат Известување за пречекорување на законските рокови за плаќање.
“УЈП го спроведува инспекцискиот надзор на деловните трансакции помеѓу економските оператори од приватниот сектор, кај коишто е пречекорен законскиот рок за плаќање на обврските: по добиено известување од суд дека е донесена правосилна пресуда; од нотар дека е донесено правосилно решение со коешто се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа, донесени во постапка за присилна наплата на парична обврска којашто произлегува од деловна трансакција; и од извршител за примено барање за извршување врз основа на извршна нотарска исправа. Судот, нотарот, односно извршителот се должни да го достават Известувањето МФ/УЈП, во рок од 10 дена од донесувањето на пресудата, односно решението, односно од приемот на барањето за извршување“, стои на официјалната страница на УЈП.
Според измените, се пропишува обврска на Министерството за финансии за носење на подзаконски акти со којашто се пропишува формата и содржината на Известувањето МФ/УЈП.
Известувањето се поднесува до надлежната Регионална дирекција/ Дирекција за големи даночни обврзници на УЈП, односно до дирекцијата на УЈП каде што се води и администрира должникот од приватен сектор.













