УЈП: Насоки во врска со примена на законот за данок на личен доход

24

Управата за јавни приходи (УЈП) соопштува дека од први јануари 2019 година започнува да се применува Законот за данок на личен доход објавен во Службен весник на РМ бр. 241/18 од 26.12.2018 година.

Со овој закон се уредува оданочувањето на личниот доход на физичките лица, обврзникот за плаќање на данокот на личен доход, даночната основа за пресметување на данокот на личен доход, даночните стапки, роковите за плаќање на данокот на личен доход, како и други прашања кои се значајни за утврдување и плаќање на данокот на личен доход.

Со Законот за данок на личен доход извршена е поделба на доходот на следните видови на доход остварени во земјата и во странство:

  • доход од работа;
  • доход од самостојна дејност;
  • доход од авторски и сродни права;
  • доход од продажба на сопствени земјоделски производи;
  • доход од права од индустриска сопственост;
  • доход од закуп и подзакуп;
  • доход од капитал;
  • капитални добивки;
  • добивки од игри на среќа;
  • доход од осигурување и
  • друг доход.

Данокот на доход, за доходот од работа, доходот од самостојна дејност, доходот од авторски и сродни права и доходот од продажба на сопствени земјоделски производи, се плаќа по прогресивни стапки. На годишна даночна основа до 1.080.000 денари, стапката на данок е 10%, додека од 1.080.001 денари е 108.000 +18% на делот од доходот над 1.080.000 денари.

Данокот на доход, за доходот од права од индустриска сопственост, доходот од закуп и подзакуп, доходот од капитал, капиталните добивки, добивките од игри на среќа, доходот од осигурување и друг доход, се плаќа по единствена стапка од 15%.