Од Управата за јавни приходи (УЈП) информираат дека се објавени нови правилници за формата и содржината на ПДД обрасци, коишто се применуваат од 31-ви јули оваа година.
Барањето за одобрение на даночно ослободување по основ на воведување на систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања (образец ПДД – 02) се доставува во пресметковниот период, во којшто одобрениот фискален систем на опрема за регистрирање на готовинските плаќања е набавен и воведен во употреба. При секоја набавка и воведување во употреба на фискалните системи на опрема (до 10 фискални апарати) се поднесува посебно барање.
Барањето за паушално плаќање на персонален данок на доход (образец ПДД – П) – обврзникот кој поради определени околности не е во состојба да води деловни книги или на кого нивното водење значително му го отежнува вршењето на дејноста, има право да поднесе барање данокот од доход за приходите од вршење на дејноста да го плаќа според паушално утврден нето приход. Барањето може да се поднесе најдоцна до крајот на годината, која претходи на годината за која се врши утврдување на данокот, до УЈП според живеалиштето на даночниот обврзник.