УЈП: Поврат на ДДВ од домашни производи од 20%, а за останатите 10%

158

Со Уредба со законска сила за изменување и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физички лица за време на вонредна состојба (Службен Весник на РСМ, бр.156/2020 од 12.06.2020) е регулирано – враќањето на делот од данокот на додадена вредност пресметан на прометот на македонски добра и услуги се врши во висина од 20%, а за останати добра и услуги се врши во висина од 10%, од пресметаниот данок на додадена вредност искажан во поединечна фискална сметка. Оваа пресметка се врши oд денот на влегувањето во сила на Уредбата со законска сила и не подоцна од 31.12.2020 година, информираат од Управата за јавни приходи (УЈП).

Со цел имплементација на мерката преку која се поттикнува потрошувачката на македонските добра и услуги, Управата за јавни приходи брзо и ефикасно ја прилагоди апликацијата МојДДВ преку која на граѓаните кои скенираат фискални сметки за купените македонски добра и услуги ќе им се изврши поврат во висина од 20%, а за останатите добра и услуги во висина од 10% од пресметаниот данок искажан во фискалната сметка.

Со овие прилагодувања, за скенираните сметки од 12.06.2020 година, повторно ќе се изврши пресметка, според раздвојувањето на македонски добра и услуги со 20% и останати добра и услуги со 10%, наместо досегашните 15% поврат на ДДВ. Поради оваа повторна пресметка износот на повратот на ДДВ кај физичките лица за второто тримесечје може да претрпи промена.

Со оваа нова функционалност, како што се наведува, МојДДВ освен враќање назад пари кај граѓаните и борба против неформалната економија, ќе придонесе и за ревитализирање на домашната економија, а Управата за јавни приходи е партнер на македонското стопанството во надминување на последиците од здравствено економската криза и поддржувач на домашната економија.