Управата за јавни приходи спроведе контрола во Прилеп и Битола, по што било утврдено дека противзаконски работеле 23 правни лица на тоа подрачје. Даночните инспектори, како што соопштува УЈП, изрекле глоби во вкупен износ од 69.000 евра, а објектите се затворени на 15, односно 30 дена.
Вкупно 12 тимови од даночни инспектори учествувале во акцијата, во која се затворени 11 фирми од Битола и 12 од Прилеп, поради незаконско работење.
“По неодамнешниот инцидент во Битола каде непознати сторители оштетија шест службени возила, УЈП јавно најави дека ваквото однесување само остава простор за поголемо сомнение дека во конкретната општина и подрачје работат бизниси кои избегнуваат да платат данок, што се потврди и со наодите за нерегистрирање на готовинските плаќања и неиздавање фискални сметки констатирани во 10 објекти, кои ќе бидат затворени 15 дена“, соопштуваат од УЈП.