Украинска компанија ќе гради фабрика за прочистување на вода

26

Украинска инвестиција од 18 милиони долари ќе отвори 150 нови работни места во Македонија. Станува збор за компанијата Енергија Лтд од Киев, која се занимава со производство на иновативни технологии за прочистување на вода.

Компанијата регистрираше фирма во Македонија во февруари оваа година и во моментот се завршуваат проектантските активности околу изградбата на објектот што треба да биде изграден на површина од околу 20.000 метри квадратни во Технолошко-индустриската зона Скопје 2.

Вкупниот обем на годишното производство ќе биде околу 20 милиони евра и целото производство ќе биде наменето за извоз во земјите од Далечниот исток, Америка и Африка.

Првите контакти со компанијата се остварени уште во 2009 година за време на првата бизнис презентација на македонскиот владин тим во Киев, а потоа во 2010 година е остварен вториот контакт за време на Меѓувладината седница за трговска, економска и научно-техничка соработка кога компанијата најавила генерална определба за инвестирање во Македонија.