Кристофер Мекмуро, кој предава компјутерски науки и инженерство на Универзитетот Арлингтон во Тексас, САД, разви прототип систем на конекција помеѓу движењето на човечкото око и компјутерот, којшто има за цел да им помогне на луѓето кои не можат да зборуваат ниту да ги движат рацете па дури и главите.
Прототипот се состои од 3D камера за длабинско мапирање, позиционирана на врвот на челото, заедно со двојни апарати за следење на движењето на очите, кои се поврзани со компјутер, пишува New Atlas. Програмата, пак на компјутерот создава 3D мапа на околината која е во видното поле на корисникот, и комбинирајќи ги сите податоци може да се одреди насоката во која гледа пациентот.
На тој начин системот може да извршува задачи како активирање на контрола на електрична инвалидска количка или давање на инструкции на роботска рака да дофати одреден предмет, на пример шише вода итн. Се што треба корисникот да направи е да гледа во тие работи.
Најновата верзија на уредот, пак, може да се носи како пар ски-очила со камери на врвот, а сензорите за фокусирање на погледот се вградени во леќите, што го прави целиот систем далеку полесен за користење кај пациентите кои имаат потреба долго време да ги користат додека се движат со нив.
Оваа патентирана технологија, покрај тоа што им го олеснува животот на луѓето со посебни потреби, може да се примени и во области како видео игрите, виртуелна реалност, како и надгледување на медицински состојби кои влијаат на движењето на очите.
Фото: Pixabay