УСАИД и ФУЛМ прославуваат 15 години микро-кредитирање за македонските граѓани

21

Минатиот четврток, во Хотелот Белви во Скопје, како дел од низата настани во траење од една седмица, организирани по повод 15-годишнината од постоењето на Штедилницата Финансиски услуги на луѓето на Македонија (ФУЛМ), Амбасадорот Волерс се обрати на вечерниот прием на кој беа поканети повеќе од 150 гости. На прославата присуствуваа високи претставници од Владата на Македонија, вработени во ФУЛМ и претставници од кредитни унии од САД, Полска, Ирска, Обединетото Кралство, Естонија, Летонија, Албанија и Молдавија.

Штедилницата ФУЛМ е основана преку програма на УСАИД во 1999 година. Во своите обраќања на приемот, говорниците се осврнаа кон важната улога што ја имаат небанкарските финансиски институции во економијата денес и кон успехот што го имаат постигнато со повеќе од 20.000 микро-кредити издадени досега.

„Земјоделци, студенти, вработени и невработени лица, микро-претприемачи и пензионери, сите тие се дел од успешните приказни од Книгата за кредити на ФУЛМ“, истакна Амбасадорот Волерс.

„Успешното работење на ФУЛМ е резултат на посветеноста на сите вработени, на поддршката од членовите на органите за управување и на соработката на сите нејзини членови-штедачи“, рече Елеонора Згоњанин Петровиќ, генерален директор на Штедилницата ФУЛМ Скопје.

Невладината организација ФУЛМ, која е основач на Штедилницата, беше основана во 1995 година од страна на УСАИД преку осумгодишен проект во вредност од 1,4 милиони долари, кој го спроведуваше Светскиот совет на кредитни унии (WOCCU – World Council of Credit Unions). Во 1999 г. Мајкл Ајник, Амбасадор на САД во Македонија во тој период, ја отвори првата Филијала за земјоделците во Муртино, село во близина на Струмица. Оттогаш наваму, воспоставена е цела мрежа на Филијали низ целата земја. Во 2003 г., УСАИД обезбеди дополнителни 770.000 долари како поддршка за развој на студентски кредити. Во изминатите 15 години, ФУЛМ има издадено повеќе од една милијарда денари во микро-кредити. Во 2009 г., преку Канцеларијата за развојни кредити, УСАИД му обезбеди на ФУЛМ гарантен механизам во форма на револвинг заем во износ од 5 милиони долари. Гаранцијата овозможува зголеменото издавање заеми на микро-претпријатијата со тоа што обезбедува 50% гаранција за нето загубите на ФУЛМ (само на главнината). ФУЛМ е членка на WOCCU и е основач на Европската мрежа на кредитни унии, со седиште во Брисел. Штедилницата ФУЛМ е партнер со Лигата на кредитни унии од Мичиген и со Асоцијацијата на кредитни унии од Полска.