УСАИД овозможува бизнис средби за прекугранична соработка во Скопје

23

1

Проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија, кофинансиран од Владата на Швајцарија, имплементиран од Центарот за развој на претприемачи и менаџери (ЦЕЕД) Македонија, денеска беше домаќин на средба меѓу компании од Македонија и Косово во ресторан Воденица Мулино во Скопје.

Господинот Џејмс Стеин, директор на мисијата на УСАИД во Македонија, им се обрати на присутните: “Соработката со други компании не е добра само за бизнисот, туку е добра и за економијата. Индивидуално можеби сте доволно големи да работите на релативно мали пазари, но кога работите заедно, можете да дојдете до поголеми и пошироки пазари. Врските што ги остваривте денеска можеби сметате дека се привремени, но нашето искуство кажува дека е голема веројатноста да се развијат во продуктивни, долготрајни бизнис релации.”

Нетворкинг настаните се една од главните активности на Проектот за зголемување на продажбата и извозот. Учесниците на овие средби се запознаваат со нови пазари, создаваат нови релации и партнерства. На настанот присуствуваа сопственици на микро и мали претпријатија, учесници во Проектот, членови на ЦЕЕД Клубот од Македонија и членови на ЦЕЕД Косово.

Проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија, кофинансиран од Владата на Швајцарија, во вредност од 1,9 милиони долари е петгодишен проект за поддршка на микро и мали бизниси преку тренинг, вмрежување, менторство, консалтинг, поддршка на извозот и пристап до инвестициски фонд. Откако започна со работа во јули 2011 година, проектот се спроведува во Скопскиот, Полошкиот, Вардарскиот и Југоисточниот регион. Со поддршка на Владата на Швајцарија, од оваа година проектот е проширен и во Североисточен, Југозападен, Источен и Пелагониски регион.

Проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија е имплементиран од ЦЕЕД Македонија кој е една од институциите во наследство на УСАИД.