УСАИД промовира практикантска работа и вработување на лицата со попреченост

20

Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) во соработка со општина Штип денеска ги презентираше активностите и досегашните резултати од нивниот проект за практикантска работа и вработување на лица со попреченост пред претставници од приватниот, невладиниот и јавниот сектор. Проектот промовира еднакви права за социјална и економска инклузија на лицата со попреченост и цели кон зголемување на видливоста за проблемите на лицата со попреченост кај компаниите и пошироката заедница.

„Мораме сите да работиме заедно за надминување на предрасудите. Иако не можеме да ги промениме ставовите преку ноќ, верувам дека можеме да направиме значајна промена при вработувањето на лицата со попреченост“, изјави Мајкл Стивејтер, директор на канцеларијата за развој на УСАИД Македонија.

“За нас како Општина е многу значајно да успее овој проект затоа што со тоа ќе се помогне во ублажувањето на еден од клучните проблеми во секоја општина, а тоа е проблемот со невработеноста”, изјави Илчо Захариев, градоначалник на општина Штип.

Проектот на УСАИД за практикантска работа и вработување на лицата со попреченост ја поддржува имплементацијата на Националната стратегија за правата на лицата со попреченост во Македонија. Целта на проектот е зголемување на можностите за вработување на лицата со попреченост и подигнување на јавната свест за нивните способности и предизвиците со кои се соочуваат. За да се постигне оваа цел, проектот обезбедува пракси и обуки за како да најдат работа, како да напишат резиме, како да се подготват за успешно интервју и како да започнат сопствен бизнис. Помошта од проектот е наменета за лица со попреченост од Скопје, Велес, Куманово, Штип, Пробиштип, Свети Николе, Тетово, Гостивар, Струга, Дебар и Кичево. Проектот е имплементиран од Моја кариера, Скопје во партнерство со Хендимак, Тетово.

Досега преку проектот се обучени 339 лица со попреченост на тема “Стратегии за барање работа”, 14 лица ја посетија дводневната обука за претприемништво, 11 лица ја посетија обуката за развивање на креативните вештини, 202 претставници од различни компании и институции се обучени за менторско водење на лица со попреченост и вработени се 91 лице со попреченост.