УСАИД промовира практикантска работа и вработување за лицата со попреченост

19

usaid

Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) во соработка со општина Струга, денеска ги презентираше активностите и досегашните резултати од Проектот на УСАИД за практикантска работа и вработување на лица со попреченост пред претставници од приватниот, невладиниот и јавниот сектор. Проектот промовира еднакви права за социјална и економска инклузија на лицата со попреченост и цели кон зголемување на видливоста за проблемите на лицата со попреченост кај компаниите и пошироката заедница.

„Вработувањето на лица со попреченост не е прашање на милостина, туку прашање на човекови права. Мора да запаметиме дека лицата со попреченост се лица со многу способности и треба да ги имаат истите можности како и секој друг граѓанин“, изјави Мајкл Стивејтер, директор на канцеларијата за развој на УСАИД Македонија.

Проектот на УСАИД за практикантска работа и вработување на лица со попреченост ја поддржува имплементацијата на Националната стратегија за правата на лицата со попреченост во Македонија. Целта на проектот е зголемување на можностите за вработување на лицата со попреченост и подигнување на јавната свест за нивните способности и предизвиците со кои се соочуваат. За да се постигне оваа цел проектот обезбедува пракси и обуки за како да најдат работа, како да напишат резиме, како да се подготват за успешно интервју и како да започнат сопствен бизнис. Помошта од проектот е наменета за лица со попреченост од Скопје, Велес, Куманово, Штип, Пробиштип, Свети Николе, Тетово, Гостивар, Струга, Дебар и Кичево.

Досега преку проектот се обучени 339 лица со попреченост на тема “Стратегии за барање работа”, 14 лица ја посетија дводневната обука за претприемништво, 11 лица ја посетија обуката за развивање на креативните вештини, 169 претставници од различни компании и институции се обучени за менторско водење на лица со попреченост и вработени се 91 лице со попреченост.