Уште една авиокомпанија оди под стечај

89

Уште една авиокомпанија настрада од коронавирусот. Романската нискобуџетна авиокомпанија Blue Air отпочна стечајна постапка.

Судот во Букурешт го одобри барањето на оваа компанија да ѝ се овозможи заштита од доверителите.

На барањето коешто компанијата го испратила до надлежниот суд на 30 јуни, судот одговори позитивно и Blue Air сега има рок од 18 месеци да воспостави деловна реорганизација којашто ќе ја донесе до плус.

Во соопштението за медиумите, Blue Air изјави дека изгубила преку 100 милиони евра приход поради пандемијата од коронавирусот. Загубата ќе биде делумно надоместена со пакет државна финансиска помош. Владата на Романија претходно одобрила 130 милиони евра помош за две домашни авиокомпанија, TAROM и Blue Air.

Во април, кога Blue Air официјално побарале државна помош, 90% од вработените биле прогласени за технолошки вишок. Сепак, компанијата има намера во текот на јули да го обнови сообраќајот кон 29 дестинации и кон 47 дестинации во блиска иднина, што ќе зависи од укинување на рестриктивните мерки во земјите каде лета.

Blue Air е приватна авиокомпанија со 100% романски капитал. Располага со 29 авиони и освен во Романија, има бази во Велика Британија, Кипар и Италија. Лета кон повеќе од 100 дестинации во 20 држави.

Фото: Pixabay